Press "Enter" to skip to content

Контроверзен бизнисмен му продал на кумановски Комуналец средство за одмрзнување улици за цела следна деценија

08.04.2021

Македонија веќе една деценија ги искусува ефектите од глобалното затоплување. Зимите стануваат пократки, просечната температура на годишно ниво забрзано се крева. Но, овие фактори не играле голема улога кога во комуналното претпријатије од Куманово решиле дека им треба средство за одмрзнување улици со залихи за следните 10 години. Го платиле далеку над пазарната цена, а трговецот кој им го продал е контроверзниот бизнисмен Ѓоко Динев, кој раководеше со подружницата на сега банкротираната компанија “Алпине Бау”. Во меѓувреме, неговата фирма отиде во стечај, а течноста стои складирана во подрумот на Градскиот базен во Куманово. И не е само Куманово. И други локални власти купиле од „магичното“ средство на Динев по двојно повисоки цени.

Пишува: Лила Караташева; Илустрација: Лука Блажев

Во подрумските простории на Градскиот базен во Куманово веќе две години се складирани 48.000 литри средство за одмрзнување на улици. Се чуваат во пластична амбалажа, онака како што биле спакувани кога биле доставени. Ги набавило Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ од Куманово во 2019 година, но во изминатите две зими се потрошени само 2.000 литри. Средството за одмрзнување „Ајс Мелт“ е купено на тендер по цена од 52 денари за литар или со ДДВ вкупно се платени 50.000 евра за целата количина. 

Подрумот на Градскиот базен во Куманово каде е складирано средството „Ајс Мелт“

Набавката била направена во време на поранешниот директор на претпријатието, Даниел Стојчевски, според кого била нарачана мала количина, но толку пари можеле да одвојат од буџетот. 

„Направивме некаква проценка на површините и претпоставивме колку од прилика ќе биде потребно и нарачавме. Фирмата даде најевтина понуда, но не падна снег и искористивме отприлика два, три тона“ – вели Стојчевски за ИРЛ.

Комуналното претпријатие од Куманово било првиот клиент на градежната фирма „Асфалт“ која во 2019 година го нуди средството „Ајс Мелт“ произведено во Србија. 

Општината Куманово зафаќа површина од 509 квадратни километри и е една од најгусто населените општини во земјава. Сепак, комуналното претпријатие, кое ја извршило набавката е надлежно за одржување на мала површина. Односно, се грижи за тротоарите, градските плоштади и училишните премини во градот Куманово да не бидат замрзнати во најстудените денови од годината. 

Сегашната директорка на јавното претпријатие, Цветанка Ивановска, не знаеше на памет колку литри од средството е нарачано, потрошено, ниту колку им е преостанато за некоја од наредните зими.

„Средството е од голема корист за градот, но што да правиме, не сме ние виновни што не падна снег и стои така. Еве годинава не нарачавме. Мислам дека средството нема рок на употреба и кога тогаш ќе се искористи“- вели Ивановска.

Потрошени се 2000 литри за две години. Остануваат уште 48.000 литри

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, не беше упатен во набавката која претпријатието ја направило пред две години, но е задоволен од ефектот на средството за одмрзнување. Тој вели дека Куманово годишно троши скоро 200 илјади евра за одржување на градот во зимскиот период од годината, плус 50.000 евра за програмата на ЈП„Чистота и зеленило“ кои се задолжени само за најкритичните точки во градот.

„Знам дека делува доста скапо, но цел свет употребува такво средство. Кога чистите снег имате многу лош ефект на бекатонските површини, тие се уништуваат од солта, но со ова средство го нема тој проблем“– изјави Димитриевски. 

Битола е поголема општина, набавила пет пати помала количина

По Куманово, истата 2019 година, уште една општина на тендер врши набавка на „Ајс Мелт“ од фирмата „Асфалт“. Битола по површина е поголема од Куманово и е распространета на 788 квадратни километри. Набавката во овој случај ја направила директно локалната власт и купила 10.000 литри средство за одмрзнување или пет пати помала количина од Куманово. Купена е по 2 денари поевтина цена, односно 50 денари за еден литар. 

Од општина Битола ни одговорија дека на огласот конкурирале две фирми, „Хидротерма“ и „Асфалт“. Победила „Асфалт“ која понудила пониска цена, а количината од 10.000 литри била одредена земајќи предвид дека во битолскиот крај има многу студени зими и поларни температури.

„Се случува ниските, негативни температури да траат со денови, така што предвидените количини се адаптирани на просечните временски прилики на ова поднебје“- изјавија од општина Битола.

Набавените количини во Битола се користеле двете изминати зими и оттаму тврдат дека целосно се потрошени. Покрај набавките на средството „Ајс Мелт“, локалната власт во 2019 и 2020 година имала и годишен договор во вредност од 180 илјади евра со фирмата КЈП „Нискоградба – Битола“ за чистење на градот во зимски услови. 

Контроверзниот сопственик на „Асфалт“

Градежната фирма „Асфалт“ е формирана во јуни 2013 година. Сопственик е Лилјана Динева, а управител нејзиниот сопруг Ѓоко Динев. 

Во биографијата на Ѓоко Динев пишува дека е дипломиран архитект, консултант на Министерството за животна средина и хуманитарец и основач на организацијата Лазарус. 

Од Динев во архивите на медиумите може да се најде по некоја изјава, но не може да се најде ниту една фотографија. 

Мистериозниот архитект стана познат во јавноста во 2015 година, кога „Балкан инсајт“ обелодени дека тој бил инволвиран во големата финансиска афера и пропаѓањето на  австриската компанија „Алпине Бау“. Динев во време кога беше генерален директор на македонската подружница на „Алпине Бау“, од 2010 до 2012 година, незаконски префрлил над 400.000 евра на своите фирми „Аура Проект“ и „Аура Инвест“. 

Македонската подружница на „Алпине Бау“ доби 20 милионски договори за објекти во рамки на проектот „Скопје 2014“. Пропаѓањето на компанијата со себе повлече десетици милиони евра од парите на даночните обврзници кои беа наменети за државни проекти.

Сите фирми кои досега ги формирал Ѓоко Динев завршиле во стечај. И за последната компанија „Асфалт“ преку која го нудеше средството за одмрзнување, пред два месеци е отворена стечајна постапка.  

Телефонските броеви на фирмата и приватните броеви на Динев се исклучени или не постојат, а стечајниот управник на „Асфалт“ Живко Калков не сакаше да даде детали кој е предлагач на стечајот.

„Не знам какви набавки се правеле преку фирмата, ниту е мое да зборувам. Вие ги знаете луѓето подобро од мене, јас можам само да кажам дека за фирмата се води стечајна постапка“- вели стечајниот управник Живко Калков.

Колку зими ќе поминат за да се потроши залихата

Од кумановското претпријатие „Чистота и зеленило“ не одговорија на прашањата на ИРЛ според кои критериуми се одредува колкава количина на средство за одмрзнување на улици е потребна во зимскиот период од годината. 

Советничката во општина Куманово од ВМРО-ДПМНЕ, Невена Величковска, вели дека градските претпријатија се надвор од радарот на контрола и мониторинг и до Советот никогаш не доставувале годишна програма за набавки.

„Набавките нити сме можеле да дискутираме и спречиме, бидејќи јавните претпријатија за жал не се транспарентни. “- вели Величковска.

Според Величковска фактот дека е склучен договор со фирма која конкурира на тендери, а набрзо потоа оди во стечај и се потрошени само 2-3000 литри за две сезони отвора сомнеж за злоупотреби.

„Како советник во општина Куманово ова би го поставила како прашање на првата наредна седница на Советот и би сакала да знам кој ја има утврдено количината и по кои критериуми“- вели Величковска.

За две зими се потрошени две илјади литри од течноста. Остануваат уште 48.000 литри кои со години ќе стојат во подрумските простории на Градскиот базен во Куманово. Прогнозата на комуналното претпријатие целосно потфрлила. Точна математика има само Ѓоко Динев кој успеал да ја продаде течноста по висока цена и во нерационални количини.

Кисела Вода не купила од Динев и поминала двојно поевтино

Во 2020-та година општината Кисела Вода купила средство за одмрзнување со целосно иста спецификација како „Ајс Мелт“ на Ѓоко Динев, но за двојно помала цена односно 22 денари по литар. Средството е купено од фирмата „Интер-Хем“ од Скопје. Од таму  велат дека освен фирмата „Интер-Хем“, конкурирала и фирмата „Анизор Драшко“ од село Шишево, Сарај. 

Од Кисела Вода велат дека се одлучиле за фирмата „Интер-Хем“ поради најевтината понуда.

„По спроведена постапка за јавна набавка за средство за одмрзнување за потребите на Општина Кисела Вода, во која критериум за избор е најниска цена на понудата и по спроведена електронска аукција за најповолна понуда, избрана е понудата на понудувачот ИНТЕР – ХЕМ“ – изјавија за ИРЛ од Кисела Вода.

Исто како и ЈП„Чистота и зеленило“ од Куманово, така и од општината Кисела Вода претпоставувале дека ќе претстои долга зима со ниски температури, па нарачале 45 илјади литри средство за одмрзнување, од кое потрошиле само околу 9.000 литри. 

Ова известување е дел од програмата на ИРЛ за соработка со граѓаните и нивно поттикнување да ни пријавуваат случаи на корупција.

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »
WordPress Lightbox Plugin