Press "Enter" to skip to content

Се испитува како починаа двајца пациенти заразени од Ковид 19

05.04.2020

Државниот санитарен и здравствен инспекторат испитува каков бил третманот на две лица кои починаа од Ковид 19. Првиот пациент е 45 годишниот Р.З. од Куманово, кој не доби брза и итна реакција ниту од државниот систем, ниту пак вистински резултати од приватниот здравствен сектор. А, вториот случај е за смртта на 78-годишен пациент од Велес кој почина пред четири дена, а кој не бил згрижен во инфективното одделение бидејќи според лекарите немал симптоми на Ковид 19.

ИРЛ објави сторија за пеколниот патниз кој минал Р.З. за да добие можност да се тестира за Ковид 19. Тој и покрај хроничните болести, дијабет и хипертензија, не успеал преку матичниот лекар да закаже тестирање преку „Мој термин“ во државните лаборатории. Барајќи помош се обратил и во приватната болница „Систина“ каде добил резултат дека е негативен на тестот за корона вирус. А, по четири дена од тестирањето, на 31 март, почина на Инфективната болница во Скопје како уште една жртва на Ковид 19.

Директорката на инспекторатот Иринa Сотирова Бухова за ИРЛ потврди дека е почнат вонреден инспекицски надзор и ќе се испитува целиот пат на движење на 45 годишниот Р.З. од Куманово.

„Тоа значи дека ќе се врши инспекција во сите институции каде што бил третиран пациентот. Во Куманово инспекцискиот надзор е завршен, овие два дена останува уште во скопските здравствени институции“- изјави Бухова за ИРЛ.

Истражувачката репортерска лабораторија од почетокот на корона-кризата во државава ја следи состојбата со набавките и квалитетот на тестовите за корона вирусот. Истражувањата покажаа дека недостасуваат тестови за тестирање на повеќе луѓе кои спаѓаат во ризичните категории или лица кои немале директен контакт со заболен, а имаат симптоми. Епидемиолошката анкета што ја прават матичните лекари, како во случајот на кумановецот Р.З., покажа дека селекцијата на тие што можат да се тестираат е премногу ригорозна во време кога вирусот има локална трансмисија. Епидемиолошките анкети се составени од 15 прашања и според резултатот од нив матичниот лекар одлучува дали ќе закаже тестирање за пациентот. Клучните прашања се дали има симптоми или да имал близок контакт заболен од вирусот.

Истражувањата на ИРЛ покажаа дека во недостиг на тестови во државното здравство многу од граѓаните се тестираат во приватните лаборатории. Тестовите во болницата „Жан Митрев“ се исти како и тие во државните лаборатории, но се наплаќаат по цена од 1.500 денари, а за приоритетен термин цената е 3.000 денари. Тестови почна да прави и болницата „Систина“, овие тестови се различни од сите други кои во моментов се вршат во Македонија. Таму тестовите се имунолошки, односно тестот преку крв може да открие дали лицето ја прележало болеста и многу ретко дали во моментот е заболен од корона вирус. Токму во „Систина“ тестот извршен четири дена пред смртта, даде негативен резултат кај кумановецот Р.З.

Државниот здравствен инспекторат ја испитува и смртта на 78 годишниот велешанец чие семејство обвини дека не добил можност да биде тестиран и не бил хоспитализиран во болницата во Велес, иако бил во лоша состојба.

Резултатите за причината за неговата смрт дојдоа четири дена откако. Според резултатите од тестот 78 годишниот велешанец бил позитивен на тестот за Ковид 19.

 

Поврзани стории

Пеколниот пат низ тестирањето од КОВИД-19 или како умре Р.З. (2/2)

Пандемско профитерство или грижа за заедницата: Другата страна на приказната за КОВИД-19 тестовите (1/2)

(ВИДЕО) Што треба да знаеме за тестирањето во морето од вести и реклами

Од Филипче до Жан Митрев: Сè што треба да знаеме за кризата со тестови за КОВИД-19