Press "Enter" to skip to content

За нас

Нашата мисија 

Во време на исклучително голема и неконтролирана пропаганда, на граѓаните им е лимитирано правото да располагаат со релевантни и точни информации, за да можат да носат одлуки во својот најдобар интерес. Еден од најилустративните примери за оваа лимитација е интервенирање во правото на глас на демократски избори преку суптилни методи на пропаганда и дезинформации или полуинформации овозможени со новите технологии и новите медиумски платформи. Новинарите ја губат довербата, а паралелно со овој процес се случува и голем пад во довербата кон институциите и пад во излезноста на избори ширум светот. Од друга страна, корупцијата и организираниот криминал, како и проблемите во сферата на владееењето на правото растат, а со тоа расте и нееднаквоста помеѓу граѓаните во Македонија и ширум светот. Обединетите нации во последни усвоиени развојни цели ја усвојуваат борбата за еднакви можности, а причините за растечката нееднаквост се лоцираат во зголемената корупција. Здружението „Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ – Скопје“ има за цел да го зголеми влијанието и да работи на враќање на довербата во слободното новинарство и така да им помогне на граѓаните да дојдат до точни и релевантни информации за состојбите во сферата на корупцијата, криминалот и владеењето на правото и преку интер-дисциплинарна соработка со академската заедница, технолошките експерти и корисниците на социјални мрежи.

Нашите цели

  • Развој на истражувачкото и аналитично новинарство во синергија со технолошките експерти, академската заедница, блогерите и корисниците на социјалните мрежи;
  • Зголемување на влијанието на истражувачкото и аналитичкото новинарство преку иновирање во креирањето содржини и пристапот до публиката и преку тоа зголемување на довербата на граѓаните во медиумите како чувари на демократските вредности;
  • Вклученост на младите во креирањето стандарди и содржини во истражувачкото новинарство преку директна вклученост во работата на здружението и преку практична едукација и тренинзи;
  • Тестирање модели за одржливост и развој на организациите кои следат корупција, домашен и прекуграничен организиран криминал и останатите проблеми кои се последица на ранливите демократии кои не успеваат да ги имплементираат принципите на владеењето на правото;
  • Зголемување на довербата на граѓаните во квалитетното и слободно истражувачко новинарство ќе ги адресираат предизвиците на влијанието на слободното истражувачко и аналитичко новинарство и ќе тестираат модели за одржливост и развој.

Нашите партнери

Истражувачката репротерска лабораторија – ИРЛ Македонија е основана со иницијална поддршка на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција. (Organized Crime and Corruption Reporting Project). OCCRP е истражувачка репортерска платформа формирана од повеќе од 40 непрофитни истражувачки центри и неколку регионални и глобални новински организации низ светот. Нашата мрежа е низ цела Европа, Африка, Азија и Латинска Америка. Членките се здружија во 2006 година со цел да го промовираат прекуграничното истражувачко новинарство и да ја промовираат технолошкиот пристап во откривањето на организиран криминал и корупција низ светот. Оттогаш наваму, нашата мрежа расте, а OCCRP е добитник на стотина национални и меѓународни признанија и престижни светски награди, како Пулицеровата награда  за проектот „Панама Пејпрс“ во којшто учествуваа и новинарите на ИРЛ.

Наши партнери во невладиниот сектор се новите младински иницијативи Здружението на граѓани за вклучување на млади во процеси на одлучување во здравството „Клуб на млади лекари“ и медиумската младинска организација „Крик“.

Нашиот тим

Сашка Цветковска следи домашен и меѓународен организиран криминал и корупција и е eден од пионерите во истражувањата за медиумска сопственост и пропаганда во земјата како ко-основач на првата дата база за медумска сопственост Медиапедиа. Од 2015 година Цветковска работи на меѓународниот истражувачки проект Spooks and Spins: Information wars in the Balkans чијашто цел е да ги открие центрите на моќ и движењето на парите во глобалните информациски војни.  Во изминатите години таа работела на серии домашни и меѓународни истражувања кои открија корупција, нелегална трговија со оружје, шпионажа и трговија со влијание. Нејзините текстови се објавувале во едни од највлијателните глобални медиуми како „Гардијан“, „Базфид“, „Дер Стандард“ и други. Беше дел и од глобалното истражување „Панама Пејперс“ кое резултираше со затворање на компанијата „Монсек Форсека“ во Панама. Таа е добитник на повеќе од десет домашни и меѓународни признанија за нејзината работа, меѓу кои и годишната награда на Репортери без граници за Европа „Европска прес награда 2018 – Сигнал за Европа“. Годинава е избрана за член на Одборот на директори на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција со мандат да ти претставува 43-те организации – членки во 33 држави кои се дел од проектот.

Mаја Јовановска во 1999 година дипломира на Студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Истата година се вработува во првата приватна телевизија А1. Во телевизијата ги изодува скалилата на старата новинарска школа и на почеток информира за градски теми, локални проблеми, социјални приказни, а по неколку години се профилира како новинарка која известува за теми од безбедноста, судството, криминал и корупција. Истовремено беше и дел од првиот тим на емисијата „Код“. Кариерата ја продолжува како репортер за внатрешна политика во телевизиите Канал 5 и Алсат М, од каде што во 2015 година преоѓа во порталот НОВА ТВ како еден од одговорните уредници во истражувачката редакција. Во 2018 година е еден од основачите на Истражувачката репортерска лабораторија и работи теми и анализи за актуелните политички случувања во Македонија, судство, криминал и корупција. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на ЗНМ, а моментално е дел од раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија.

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политиката, политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Елена Митревска Цуцковска е софтвер инженер и е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Таа е одговорна и за графичките решенија и под надзор и во соработка со уредникот на технологија на OCCRP, задолжена е и да се грижи за дигиталната безбедност на новинарите. Целосното техничко решение за алатката за користење на јавни дати бази на податоци Get Data доаѓа од Митревска која работи и иновира дизајни кои ја прават содржината подостапна за сите читатели. Елена Митревска работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна.


Деница Чадиковска е дипломиран психолог која својата новинарска кариера ја започнува како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик финансирана од Владата на Велика Британија. Чадиковска станува дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2020 година таа доаѓа на позицијата комуникациски офицер задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ, односи со јавност и присуство на социјални мрежи.
Чадиковска покрај ангажманот во ИРЛ има учествувано во неколку проекти, како проект менаџер на културно-музичката емисија за млади Алтер Сцена, како новинар за германскиот интернационален радиодифузер Дојче Веле во рамки на проектот за проблеми со животна средина поддржан од Институтот за комуникациски студии и како едукатор на Европската младинска фондација на Советот на Европа.

Давид Илиески е ко-автор на бројни стории кои откриваат корупција, финансиски криминал, урбана мафија, злоупотеба на моќ, итн. Како дел од ИРЛ, тој е ко-продуцент на документарниот серијал „Редакција“. Во 2020 година, Давид се приклучи на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, како истражувач во „OCCRP ID” каде работи на пребарување на лица, компании и средства насекаде во светот за целите на мрежата за истражувачко новинарство каде што ИРЛ е членка. Преку „ОCCRP ID“ тој поддржал бројни локални и меѓународни истражувања како што се SuisseSecrets, The Tobacco Project, OpenLux итн. Тој ја започна својата новинарска кариера во 2017 година како ко-креатор на младинската емисија „Крик“, проект развиен во рамките на „BBC Media Action“ програма. Од каде преминува во ИРЛ како дел од првиот „hands on training“ на организацијата, волонтерски проект на ИРЛ со цел обучување на идните медиумски лидери во сферата на храброто, критичното и аналитично новинарство.

Трајче Антоновски е снимател-репортер кој работи во Истражувачка репортерска лабараторија.Тој е еден од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Во ИРЛ Македонија е задолжен за екранизација на сториите. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“ и „50-50“.

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 – та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.
Алатки кои ги создале нашите новинари

GetData претставува алатка за студенти по новинарство, новинари и невладини организации кои работат на истражувања поврзани со корупцијата и владеењето на правото. Оваа алатка ги систематизира поважните јавно достапни бази на податоци, како и други методи преку кои може да се дојде до јавни информации кои можат да им бидат од корист на истражувачите. Автори на алатката се Сашка Цветковска и Елена Митревска-Цуцковска, а соработни е Мери Јордановска. Сашка Цветковска, Маја Јовановска, Мери Јордановска и Јован Димитров заедно со невладината организација МОСТ тренираа повеќе од 150 активисти од локални невладини организации и локални новинари за тоа како да ги користат јавните бази на податоци. Getdata ја користат и македонските институции како обвинителства и други истражни органи.

Како може да ви помогне

Институциите создаваат огромни бази на јавни податоци и документи кои во ерата на интернет технологиите и стремежите за отворено општество стануваат полесно достапни. Истовремено, овие податоци заедно со теренската работа и аналитичките способности, во 21 век стануваатт клучни алати во работата на истражувачките новинари.

Но, и покрај привидната отвореност на институциите изразена во генерирање на илјадници документи кои се прикачуваат онлајн, остануваат предизвиците на пронаоѓање на овие документи во купот од разни документи, на селекција на важните од неважните и на изнаоѓање начини за полесно доаѓање до вистинските податоци кои им се потребни на истражувачките новинари кои работат во сферата на антикорупцијата и владеењето на правото. Институциите не секогаш важните информации ви ги ставаат „пред нос“, па затоа GetData поаѓајќи од искуствата на најпроминентните истражувачки редакции во земјата одлучи да ги селектира поважните бази во првата фаза и да ги збогати со описи, совети и упатства за тоа како да се дојде до информации.

Уште еден значаен аспект од користа на новинарите сами да умеат да ги следат и пребаруваат јавно достапните податоци е отсуството од туѓи агенди во процесот на расветлување на фактите и потрага по вистината. Новинарите често добиваат документи од трети лица или таканаречени извори. Но, дури и најдобронамерниот извор има агенда. Способноста самите да ги пребарувате и анализирате податоците и преку нив да откривате приказни ја растеретува вистината од туѓите агенди и ве прави еден и единствен сопственик на приказната која сакате да ја раскажете.

WordPress Lightbox Plugin